Борец.мк: Важите за искусен борец со силен удар, како започна вашата професионална кариера?
Амедовски: Мојата кариера започна на 7 годишна возраст. Во тоа време живеев во Германија, потоа се вратив во родната Македонија каде живеев од мојата 7 до 11 годишна возраст. Во моето родно село, Центар Жупа-Дебар во тоа време имаше традиција за боречки спортови (пеливанство). Немавме пари да купиме ниту обична топка, ама имавме ридови кои ги користевме за борење, тоа е традиција во моето село-и оттука започнува се!

Борец.мк: Што за вас е најголем успех досега?
Амедовски: Мојот најголем успех досега е тоа што останав човек. Мојата фамилија, мојот клуб и луѓето околу мене, моите ученици сето тоа е успех за мене. Сите успеси, порази, тренинзи ме направија да бидам она што сум денес.

Борец.мк: Како професионалец и ММА борец бевте дел од УФЦ- Америка преку што и најдобро ве запозна јавноста?(имаше и победи, но и порази) но квалитетот остана на пиедесталот?
Амедовски: Заминав во Америка затоа што овде во мојата земја немаше борци кои беа на исто ниво со мене. Ја поминав цела Европа, но сфатив дека Америка ги исполнува моите очекувања бидејќи се тренира со најдобрите борци во светот. Тие тренираа и по неколку недели пред големите настани, а тоа беше можност за мене да отидам еден чекор понапред. Тоа беше огромно искуство за мене, борба, дисциплина и тренирање на ниво кое го заслужуваат големите борци.

Борец.мк: Посветени сте максимално на работата, од каде црпите енергија, што ве инспирира?
Амедовски: Инспирација?, фокусиран сум на работата. Ова е стил на живот, што те следи постојано. Отпорен сум со годините, и на добро и на лошо нешто кое те следи постојано.

Борец.мк: Живеете на Релација Македонија-Италија, но секогаш со гордост ја претставувате нашата земја?
Амедовски: Јас сум голем патриот, живеам во Италија цел живот ама ми недостасува мојата Македонија. Таму ми е семејството, луѓето што ги сакам, храната, јазикот, се што вистински сакам со моето срце. Знаете, каде и да сум, јас сум горд Македонец.

Борец.мк: Неодамна го отворивте и вашиот клуб, има ли потенцијал и таленти?
Амедовски: Отворив свој клуб кој се вика „AMEDOVSKI TRAINING CENTAR“ во Касола Виченца. Работиме веќе една година, има многу таленти. Мојот план е во наредните години да имам своја таканаречена „фабрика“ овде во Италија, борци кои ќе се борат на високо ниво. Имам многу ученици и очекувам наскоро да имам врвни професионалци во својот клуб. Нешто слично како Фернанд Лопез од Франција. Сакам да им помогнам на младите таленти, да учат од мене и да им го пренесам моето знаење и искуство.

Борец.мк: Во Скопје се случува вистински спектакл, вие сте дел од репрезентативниот состав, кои се вашите очекувања?
Амедовски: Ова е предизвик за мене, вистински спектакл. ФНЦ е најдобрата федерација за мене, особено што за прв пат ја имаме во Македонија поточно во Скопје. Да се борам пред мојот народ е голема гордост за мене, вистински се радувам на утрешниот ден. Навистина ми недостасувавте сите, мојот народ, мојата земја. Ќе се борам и ветувам ќе победам за сите вас.

Голема благодарност до Ален Амедовски, кој непосредно пред големиот спектакл во Скопје FNC 34 ja покажа својата големина на вистински борец.
Поддршка од тимот на Борец.мк, многу успех и победа за нашата земја.
Македонија, земја на шампиони!






