Борец.мк: Скопје за првпат е домаќин на ваков голем настан. Подготвено ли е сѐ за спектаклот кој следува на 24. октомври во СЦ „Борис Трајковски“?
Алексовски: Нашата цел е на 24 октомври Скопје да добие вистински ММА спектакл, и според борбите и според целокупната организација. Ваквиот настан бара сериозна подготовка и координација, а фокусот е на секој детал — од условите за борците до доживувањето на публиката. Верувам дека со FNC 34 ќе покажеме дека Македонија има и публика и капацитет за настани од ова ниво.

Борец.мк: Имаме спој на младост и искуство кај борците од Македонија. Дали ова е предизвик за нив?
Алексовски:Секако, настапот пред домашна публика е посебен предизвик. Носи огромна мотивација, но и дополнителна одговорност, затоа што се борите пред семејството, пријателите и луѓето што ве поддржуваат. Иако дел од нашите борци се млади по години, зборуваме за искусни професионалци кои знаат што значи подготовка за сериозна борба. Важно е емоцијата од трибините да ја претворат во сила, а во кафезот да останат смирени и верни на својот план.

Борец.мк: Пет домашни борци, меѓу нив и една дама — најдобрата млада спортистка за 2025 година. Какви се очекувањата?
Алексовски: Очекувам да го покажат квалитетот што го поседуваат и да ја претстават Македонија достоинствено. Сите посакуваме победи, но во ММА нема однапред добиена борба — секој противник заслужува почит и максимална подготовка. Даниела веќе покажува дека женското ММА има свое место и иднина кај нас, а признанието што го доби е потврда за нејзината работа и резултати. Сите петмина заслужуваат силна поддршка од трибините, затоа што зад нивниот настап стојат години тренинг, дисциплина и откажувања.

Борец.мк: Како претседател на Македонската ММА федерацијата, дали самата организација и тоа што Македонија се впишува на светската ММА мапа носи и одговорност?
Алексовски: Апсолутно. За мене, како претседател на Македонската ММА федерација, ова е и чест и голема одговорност. Ваквиот настан го насочува вниманието кон нашите борци, клубови и кон Македонија како домаќин. Затоа е важно да покажеме професионалност, добра организација и почит кон спортот. Сакам ова да остави трага и по 24 октомври: повеќе млади да влезат во сала, нашите борци да добијат нови можности и да се создаде основа за следни големи настани.

Борец.мк: Која е вашата порака до читателите и до публиката, што да очекуваат на 24 октомври?
Алексовски: Ги поканувам сите љубители на спортот да дојдат на 24 октомври во „Борис Трајковски“ и да бидат дел од оваа важна вечер за македонското ММА. Да им дадеме силна поддршка на нашите пет борци, да ги поздравиме гостите и да покажеме каква спортска публика има Скопје. На борците многу им значи кога ја слушаат својата публика во тешките моменти. Да ја наполниме салата и заедно да создадеме атмосфера што ќе се памети!

Благодарност од тимот на Борец.мк до претседателот на Македонската ММА федерација Ивица Алексовски.
Им посакуваме успех на нашите борци, Македонија земја на шампиони.






