Македонските кумите тимови испишаа нова блескава страница во историјата на македонскиот универзитетски спорт, освојувајќи вкупно четири медали на Светското универзитетско првенство во боречки спортови, кое се одржа во Бразилија.
Националната селекција се закити со еден златен, еден сребрен и два бронзени медали, потврдувајќи го високото ниво на македонскиот универзитетски спорт на светската сцена.
Импресивен настап имаа машките кумите репрезентативци, кои во текот на целиот натпреварувачки ден демонстрираа исклучителна борбеност, дисциплина и тактичка зрелост.

Најголем впечаток оставија во полуфиналниот дуел против моќната селекција на Турција, каде со извонредна изведба и голема желба за победа обезбедија место во големото финале.
Круна на извонредните настапи на македонските каратисти стави Вукашин Јовановиќ, кој блесна во поединечна конкуренција и го освои златниот медал во категоријата до 67 килограми на Светската универзијада во Бразилија.
Нивниот резултат претставува еден од најзначајните тимски успеси во историјата на македонското универзитетско карате.
Одлични настапи забележаа и македонските каратистки во кумите тимската конкуренција. Со сигурни и убедливи победи над селекциите на Австралија и Чиле, тие изборија место меѓу четирите најдобри репрезентации во светот.
И покрај поразот во полуфиналето од силната шпанска репрезентација, македонските девојки заслужено се закитија со бронзениот медал, уште еднаш потврдувајќи дека Македонија има свои претставници во самиот светски врв на универзитетското карате.
Со освоените четири медали – едно злато, едно сребро и две бронзи – македонските студенти-спортисти испратија силна порака дека посветената работа, тимскиот дух и шампионскиот менталитет носат резултати и на најголемите светски натпреварувања.







