Македонската БЏЏ натпреварувачка Изабела Зајков од Team Carvalho Macedonia забележа голем успех на меѓународниот турнир Oslo Open 2026, освојувајќи го првото место во категоријата Juvenile Girls GI / Blue Belt до 65 килограми.
Под водство на својот тренер Бруно Карваљо, Зајков прикажа одлични борби и доминантен настап.
Во полуфиналето таа оствари сигурна победа со резултат 4:0, а во финалната борба убедливо ја совлада 17-годишната домашна натпреварувачка Каролине Мевасвик со 6:0, со што заслужено се закити со златниот медал.
Овој резултат е уште една потврда за нејзиниот континуиран напредок и успешната работа на Team Carvalho North Macedonia, кој сè почесто бележи значајни настапи на меѓународната сцена.
За Изабела натпреварувачкиот викенд во Осло сè уште не е завршен. Денес ја очекува нов голем предизвик во категоријата Female Adult NoGi – Advanced Level до 66,5 килограми, каде што ќе се натпреварува со поискусни противнички во сениорска конкуренција.
Во првата борба ќе се соочи со 23-годишната Норвежанка Ада Кулсет. Очекувањата се дека младата македонска натпреварувачка ќе продолжи со добрите настапи и во NoGi дисциплината и во текот на денот очекувајте одлични вести од денешните натпревари на Изабела Зајков.






