Македонската кендо репрезентација од 19 до 21 јуни ќе настапи на 34. Европско првенство во кендо, кое ќе се одржи во Подгорица, Црна Гора.
На најелитното кендо натпреварување во Европа ќе учествуваат околу 500 натпреварувачи од 45 земји од евро-африканската зона, меѓу кои и Мароко, Тунис и Јужноафриканската Република.
Во јуниорска конкуренција, боите на Македонија ќе ги бранат Димитар Крстевски и Матеј Ивановски, кои ќе настапат во индивидуална и екипна конкуренција. Иако за екипен настап во оваа категорија се потребни тројца натпреварувачи, Македонија ќе настапи со двајца, што претставува значителен хендикеп. Нашите јуниори се наоѓаат во група со Црна Гора и Швајцарија, а во следната фаза ќе се пласираат двете најдобри селекции.
Во женска конкуренција, каде ќе настапат околу 130 натпреварувачки, Македонија ќе ја претставуваат Ивона Лазаровска и Ангела Атанасовска. Лазаровска е во група со Накашима (Германија) и Леиг (Англија), додека Атанасовска ќе се соочи со Стацкович (Полска) и Вучиниќ (Црна Гора). Со оглед на силната конкуренција и фактот дека само првопласираната од секоја група продолжува понатаму, македонските репрезентативки ги очекува исклучително тежок предизвик.
Македонија сè уште нема формирано женска репрезентација за екипен настап, па затоа нема да учествува во тимската конкуренција кај дамите.
Во сениорска индивидуална конкуренција, каде секоја земја има право да пријави најмногу четворица натпреварувачи, Македонија ќе ја претставуваат Матеј Ивановски, Александар Кесковски, Олег Бичковски и Глигор Дубровски.
Ивановски ќе се натпреварува во група со Алберто Соци од Италија и Елделман од Израел. Соци е актуелен шампион на Италија, но Ивановски се наоѓа во одлична форма и во македонскиот табор веруваат во позитивен резултат.
Кесковски е во група со четворица натпреварувачи, при што двајца ќе обезбедат место во елиминациската фаза. Негови противници ќе бидат Гуадарама (Франција), Кар (Ирска) и Пелмас (Естонија).
Бичковски ќе ги одмери силите со Пусти (Унгарија) и Салце (Шпанија), додека ветеранот Дубровски ќе се соочи со Расмунсен (Данска) и Соурори (Мароко).
Во екипна конкуренција Македонија има само еден противник во групната фаза, што практично значи сигурен пласман во елиминациската рунда. Противник ќе биде добро познатата селекција на Романија, натпревар кој ќе биде од големо значење за конечниот пласман и можноста за полесен пат кон осминафиналето.
Составот на македонската репрезентација го сочинуваат: Александар Кесковски, Матеј Ивановски, Александар Петрески, Олег Бичковски, Владимир Пешков, Глигор Дубровски и Андреј Атанасовски, кој ќе има двојна улога – тренер и натпреварувач.
Македонија на последните две Европски првенства, одржани во Франција и Холандија, оствари значаен успех пласирајќи се меѓу најдобрите осум репрезентации во Европа, со пласман во четвртфиналето.
„Сите наши борци имаат исклучително тешки задачи пред себе, но верувам дека се подготвени за овој предизвик. Не размислуваме за неуспех. Самодовербата е на високо ниво, атмосферата и хемијата во тимот се одлични, а наша задача е да го покажеме најдоброто од себе следниот викенд“, порачаа од македонскиот табор.






