Моментално сте на Тајланд. Која беше причината да заминете?
Веќе цел месец сум на Тајланд. Главната причина беше целосно да се посветам на тренажниот процес и повторно да го доведам моето тело во најдобра можна форма. По речиси една година пауза од борби, исполнета со терапии, рехабилитација и многу работа на повредата, почувствував дека дојде вистинскиот момент повторно да се вратам во рингот.
Се вративте на сцената после период на пауза?
Да. Паузата беше неопходна за целосно закрепнување. Работев напорно, бев трпелив и сега сум повторно подготвен да се натпреварувам. Чувството дека повторно се враќам е посебно и едвај чекам повторно да влезам во ринг.
Тајланд е земја со огромна традиција. Што научивте таму?
Тајланд има посебна енергија кога станува збор за боречките спортови. Тоа е домот на муаи таи и место каде што доаѓаат борци од целиот свет за да тренираат и да ги одмерат силите. Токму затоа дојдов и јас – да учам, да напредувам и да се тестирам против врвни борци од различни земји. Секој тренинг овде е ново искуство и голема лекција.

Вие сте борец во кик-бокс, бокс и муаи таи. Дали токму муаи таи беше дисциплината на вашата борба таму?
Да, овде фокусот е ставен на муаи таи. Тренинзите се на највисоко ниво и претставуваат одлична можност да се усовршам во дисциплината од која потекнува овој спорт.
До кога останувате на Тајланд?
Останувам онолку колку што е потребно за да го завршам овој тренажен циклус и да се вратам максимално подготвен за следните предизвици.

Повеќе од 10 години сте активен натпреварувач. Ќе ни откриете интересна случка од вашата кариера?
Една од најинтересните случки беше мојот прв професионален меч. Противник ми беше Чедо Пантиќ од Бања Лука. Имавме исклучително тешка и квалитетна борба, но по мечот станавме многу блиски пријатели. Тој ме покани во својот дом, а потоа и јас него кај мене. Трениравме заедно, се дружевме и создадовме пријателство кое трае и денес. Тоа покажува дека иако во рингот сме ривали, надвор од него можеме да бидеме вистински пријатели.
Без претходно искуство во муаи таи заминавте на Светско првенство во Мексико, освоивте сребрен медал. Заслужувавте ли и злато?
Светското првенство во Мексико беше едно од најголемите искуства во мојата кариера. Иако немав големо искуство во муаи таи, успеав да победам неколку искусни противници и да освојам сребрен медал. Секако дека секој спортист секогаш се стреми кон златото, но јас сум горд на тоа што го постигнав. Тој успех ми даде дополнителна мотивација и верба дека можам да се носам со најдобрите.
Кој е вашиот следен предизвик летово?
Мојот најголем предизвик е да го доведам телото во врвна форма. Штом се појави добра можност за квалитетен меч, нема да ја пропуштам. Искрено, едвај чекам повторно да се натпреварувам.

После стекнатото искуство во Тајланд, што да очекуваме во септември?
Ако сè оди според планот, во септември ме очекуваат подготовки во Холандија. Тоа ќе биде последниот тест за мојата подготвеност и важен чекор пред враќањето на големите натпревари.
Да го споменеме и вашиот клуб, каде што го пренесувате знаењето на помладите генерации?
Многу сум задоволен од напредокот на учениците во мојот клуб. Нивниот труд и посветеност се видливи од тренинг на тренинг. На следното државно првенство очекувам да настапиме со најголем број натпреварувачи досега и верувам дека ќе се бориме за првото место како најуспешен клуб.
Во моментов сме на кратка летна пауза, а со тренинзи продолжуваме во септември. Посебно ме радува што кик-боксот станува сè попопуларен во Македонија и што од година во година сè повеќе млади, но и возрасни, ја препознаваат убавината и вредностите на овој спорт.

Која е вашата порака до младите борци и до децата на кои сте им идол?
Мојата порака е едноставна – тренирајте, бидете дисциплинирани и никогаш не се откажувајте. Боречките спортови не градат само шампиони, туку и силни личности. Тие нè учат на дисциплина, почит, самоконтрола и истрајност. Животот носи многу тешки моменти, а токму спортот нè учи како достоинствено да се соочиме со нив, да продолжиме напред и секогаш да се бориме со крената глава и со полно срце.
Тимот на Борец.мк му посакува успешна натпреварувачка сезона. Македонија земја на шампиони!



