Од каде љубовта за спортот? Дали некој во вашето семејство се занимава со спорт?

Мојата прва љубов всушност беше ракометот. Немам професионални спортисти во семејството, но спортот отсекогаш беше дел од нашето секојдневие. Дома постојано се гледаше ракомет, особено во времето кога постоеше Кометал. Одевме сите заедно на натпревари да навиваме и речиси никогаш не пропуштавме натпревар. Мислам дека токму таму се роди љубовта кон спортот.

– За оние кои ве познаваат, знаат дека одамна сте спортски активна, но многумина не знаат дека кик-боксот е ваша голема љубов?

Да, кик-боксот е спортот што најмногу ме изгради како личност. Го тренирав околу десет години, многу пред да започнам со фитнес. Искрено, дисциплината, работните навики и менталната цврстина што ги имам денес ги должам токму на кик-боксот.

– Неколку турнири, но и медали од натпреварувањата?

Да, имам настапувано на повеќе интернационални турнири, балкански и европски купови, како и првенства. И, за среќа, речиси секогаш сум се враќала дома со медал. 🙂

Секогаш сте во топ форма. Дали фитнесот беше пресуден?

Искрено, токму тоа беше моментот кога решив да се качам на бина. Отсекогаш сум водела грижа за моето тело и сум сакала да бидам во добра форма, без разлика дали имам натпревар или не. Минатата година, по новогодишните празници, кога повеќето луѓе добиваат некој килограм плус, јас изгледав подобро отколку во текот на летото. Тогаш си реков: ако веќе вложувам толку труд во исхрана и тренинг само за да изгледам добро, зошто да не го претворам тоа во нешто многу поголемо?

Златни медали на повеќе натпревари. Како успевате да се одржите во форма?

Освоив три златни медали на три различни натпревари – државно првенство, Балканско првенство и интернационален куп, каде што ја освоив и мојата PRO CARD. Тоа беше една од главните причини да не застанам тука, иако првично мислев дека ќе биде моето последно натпреварување.

Дали е лесно? Не. Ако кажам дека е, би излажала. Но, сè зависи од тоа колку силно ја посакуваш целта. Цела година се подготвував за ова. По второто место на државното првенство минатата година знаев дека ќе се вратам уште посилна и овој пат ќе одам „all in“. Не дозволив ништо да ми го одвлече вниманието. Огромна заслуга за сето ова има мојот тренер Божидар Пецаковски, кој ме научи што значат дисциплина, истрајност и победнички менталитет.

Кој момент беше пресуден за фитнесот?

Мислам дека тоа беше моментот кога сфатив дека веќе живеам како спортист. Исхраната, тренинзите и дисциплината веќе беа мој начин на живот, па остануваше само да се осмелам да излезам на сцена.

Колку време неделно вежбате во теретана?

Во моментов тренирам по сплит од три тренинзи за долен дел од телото, еден upper body и еден ден кардио. Кога сум во натпреварувачки подготовки, распоредот е сличен, но додавам уште еден ден кардио, како и дополнителни 30 до 40 минути кардио по секој тренинг со тежини.

Македонија има успеси во фитнес индустријата. Дали тука се пронајдовте комплетно?

Дефинитивно. Многу ми е драго што сè повеќе луѓе избираат здрав начин на живот. Исто така, се зголемува интересот за бодибилдингот и натпреварувачкиот дух. Кај девојките сè уште не е толку застапено, но искрено се надевам дека тоа ќе се промени. Ако мојата приказна мотивира барем една девојка да се осмели и да направи таков чекор, ќе бидам навистина среќна.

Кој ве мотивира? Се откажавте ли од некои задоволства за да бидете тоа што сте денес?

Најголемата конкуренција и мотивација сум си самата на себе. Единствено што ме интересира е денес да бидам подобра отколку што сум била вчера.

Секако дека имаше многу откажувања. Избегнував излегувања, кафулиња и ситуации каде што знаев дека ќе бидам во искушение. Одев само на најважните семејни настани – родендени, свадби, крштевки – од почит кон луѓето што слават, а потоа се враќав дома и продолжував по мојот план. На почетокот беше тешко, но со текот на времето тоа стана нормален дел од моето секојдневие. Денес можам да седам со друштво во ресторан со чаша вода пред мене и воопшто да не ми претставува проблем.

Од кого добивате најголема поддршка?

Најголемата поддршка ја добивам од моето семејство, особено од моите родители. Мајка ми e секогаш тука кога ми е најпотребна и несебично ми помага околу исхраната, особено во периодите кога немам доволно време поради тренинзите и обврските.

Од пријателите морам посебно да ја издвојам Михаела, која на последните натпреварувања буквално беше моја десна рака и личен асистент. Таквата поддршка е непроценлива, бидејќи зад секој натпреварувач стои тим од луѓе кои веруваат во него.

Кога станува збор за спонзори, морам да кажам дека во Македонија навистина не е лесно да се најдат компании што ќе застанат зад еден спортист. Затоа сум особено благодарна што „Hardcore“уште од самиот почеток веруваа во мене и што со своите резултати никогаш не ги разочарав. Гордост ми е што се дел од мојот тим. 

Оваа година ни се приклучија и „Aristocrat Caffee“, кои исто така несебично ме поддржуваат на мојот спортски пат. Искрено сум благодарна што имам луѓе и компании кои веруваат во мене и ми помагаат да се фокусирам на она што го сакам најмногу – спортот.

Периодов паузирате или се подготвувате за некое големо натпреварување?

Планот беше да направам пауза, но искрено чувствувам дека ова е само почеток. Гордa сум на тоа што го постигнав, но уште погладна за нови успеси. Следуваат многу поголеми предизвици.

Тешко ли е да се биде на врвот или успехот е мотив?

Не би рекла дека сум на врвот. Искрено мислам дека врвот допрва треба да го искачувам.

За мене успехот не се мери само со медали. Успех е кога ќе станеш подобра верзија од себе, кога ќе напредуваш и физички и психички. Медалите се само потврда за целиот вложен труд.

Следен предизвик?

Европско и Светско првенство. Тоа е следната цел и работиме максимално за да стигнеме до неа.

Која е вашата порака до нашите читатели и љубители на спортот?

Никогаш не чекајте „совршен момент“ за да започнете. Почнете денес, со тоа што го имате, и бидете трпеливи. Големите резултати не доаѓаат преку ноќ, туку од малите одлуки што ги носите секој ден. Верувајте во себе, бидете дисциплинирани и не се споредувајте со другите. Единствената личност што треба да ја победите е вчерашната верзија од себе.

Тимот на Борец.мк и посакува успех во секој нов предизвик.

Македонија земја на шампиони.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде