Борец.мк: На кое ниво е боксот во Македонија?

Боксот во Македонија е во фаза на сериозен развој, стабилизација и повторно враќање на местото кое го заслужува. Посебно сакам да истакнам дека во последните две години, според бројот на освоени медали во различни конкуренции, македонскиот бокс постигна еден од најголемите успеси од осамостојувањето на Македонија до денес.

Тоа покажува дека имаме квалитет, талент и потенцијал. Но исто така покажува дека кога се работи организирано и со јасна визија, резултатите доаѓаат. Секако, не велам дека сме го достигнале максимумот. Напротив, сметам дека сега ги поставуваме темелите за уште посериозен и долгорочен развој.

Посебно значајна е соработката со Боксерскиот сојуз на Србија, со кој заеднички го развиваме проектот „Open Balkan“. Преку овој проект учествуваме во заедничка лига, со цел да го зголемиме бројот на натпреварувачи, особено во помалите категории, бидејќи токму таму се создава иднината на секој спорт.

Исто така, остваривме одлични контакти и со други боксерски федерации.Имаме многу добра соработка со федерациите на Австрија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска.Тоа се соработки на високо ниво, кои отвораат можности за заеднички подготовки, турнири, размена на искуства и развој на нашите боксери, тренери и судии.

Затоа би рекол дека македонскиот бокс денес има реални резултати зад себе, но и уште поголем потенцијал пред себе.

Борец.мк: Имаме ли потенцијал за развој на млади боксери?

Апсолутно имаме. Најголемиот потенцијал на македонскиот бокс е токму во младите. Во повеќе клубови гледаме деца и млади спортисти кои имаат желба, карактер, дисциплина и борбен дух. Тоа се вредности без кои нема боксер.

Нашата задача како Македонска боксерска федерација е тој потенцијал да не остане само талент, туку да го претвориме во резултат. За тоа се потребни повеќе натпревари, повеќе борби, подобри подготовки, стручна работа и поголема поддршка за клубовите.

Токму затоа проектот „Open Balkan“ е многу значаен. Преку заедничката лига со Боксерскиот сојуз на Србија сакаме да им дадеме повеќе можности на младите боксери, особено во помалите категории. Без редовни борби и без меѓународно искуство, не може да се создаваат врвни спортисти.

Младиот боксер мора да почувствува дека има пат: од клуб, преку национална селекција, до меѓународна сцена. Тоа е системот што сакаме да го изградиме.

Прашање: Каква е соработката со боксерските клубови од Македонија?

Клубовите се основата на македонскиот бокс. Без клубови нема федерација, нема репрезентација и нема идни шампиони. Затоа нашата цел е Македонската боксерска федерација да биде партнер на клубовите, а не институција која стои далеку од нив.

Соработката со клубовите ја градиме преку комуникација, поддршка и заедничка работа. Секако, секогаш има различни мислења и различни предизвици, но тоа е нормално во секој спорт. Важно е сите да имаме иста цел — развој на боксот во Македонија.

Сакам клубовите да почувствуваат дека федерацијата е отворена за сите кои работат чесно, посветено и во интерес на боксот. Само со обединети клубови можеме да создадеме силна репрезентација и стабилен боксерски систем.

Во тој правец, важно е и ширењето на боксерската база. Постои интерес за отворање нови клубови, а тоа е добар сигнал дека боксот повторно станува привлечен спорт за младите.

Борец.мк: Годинава ја започнавте успешно — Ален Рустемовски беше избран за спортист на годината, а Адријан Рустемовски за најуспешен млад спортист. Што значи тоа за македонскиот бокс?

Тоа е големо признание, не само за Ален и Адријан, туку и за целиот македонски бокс. Нивните признанија покажуваат дека боксот има квалитет, дека има спортисти кои се препознаени и дека трудот, дисциплината и посветеноста носат резултат.

Ален Рустемовски е пример за спортист со карактер, посветеност и сериозен пристап кон спортот. Адријан Рустемовски, од друга страна, е доказ дека имаме млади боксери кои можат да бидат иднината на македонскиот бокс.

Но, тука не смееме да ги заборавиме и другите значајни резултати. Иса Бајрам и Арабел Рустемовски освоија бронзени медали на европски првенства, што е огромен успех и потврда дека македонскиот бокс има спортисти кои можат да се натпреваруваат на највисоко европско ниво.

Наум Стојановски и Ален Рустемовски освоија златни медали на престижниот Меѓународен боксерски турнир „Гранд При Загреб“ – Меморијал „Јосип Јовиќ“, кој се одржа во Загреб, Хрватска.Дополнително признание доби Ален Рустемовски, кој беше прогласен за најдобар боксер на целиот турнир, што претставува голем успех како за него лично, така и за македонскиот бокс.

Овие признанија и медали за нас се чест, но и обврска. Тие ни покажуваат дека сме на добар пат, но и дека мора уште повеќе да работиме за нашите спортисти да добијат подобри услови, повеќе подготовки, повеќе натпревари и поголема меѓународна поддршка.

Борец.мк: Неодамна остваривте средба со претседателот на светската боксерска федерација. Што да очекуваме?

Средбата беше многу значајна за Македонската боксерска федерација и за македонскиот бокс во целина. За земја како Македонија, директната комуникација со врвот на светскиот бокс е голема можност и сериозно признание.

Од таквите средби очекуваме поголема меѓународна соработка, поддршка во развојот на тренерите, судиите и младите боксери, како и поголеми можности за учество на кампови, турнири и официјални меѓународни натпреварувања.

Нашата цел е Македонија да не биде само присутна во меѓународниот бокс, туку да биде активна, почитувана и препознатлива. Веќе имаме одлична соработка со повеќе федерации од регионот и Европа, а сакаме таа мрежа уште повеќе да ја прошириме.

Ова не е процес кој се случува преку ноќ, но секој ваков контакт е важен чекор кон подобра позиција на македонскиот бокс на меѓународната сцена.

Борец.мк: Амбициозно дојдовте на функцијата прв човек на Македонската боксерска федерација. Се чувствуваат ли промените?

Мислам дека промените веќе се чувствуваат, но за мене најважно е тие промени да бидат реални и трајни. Не сакам промени само на хартија или само за јавност. Сакам систем што ќе функционира и што ќе остане како основа за идните генерации.

Во изминатиот период се зголеми активноста на федерацијата, се отворија нови меѓународни соработки, се работи на развој на младите категории, се зајакнува комуникацијата со клубовите и се создава поголема видливост на боксот во јавноста.

Фактот што во последните две години имаме голем број освоени медали во различни конкуренции покажува дека има резултат. Признанијата за Ален и Адријан Рустемовски, како и медалите на Иса Бајрам, Арабел Рустемовски и Наум Стојаноски, дополнително потврдуваат дека македонскиот бокс има спортисти кои заслужуваат внимание и поддршка.

Секако, има уште многу работа. Но важно е дека има енергија, меѓународна комуникација, поддршка од клубовите и јасна визија. Јас не дојдов на оваа функција само да бидам претседател, туку да оставам резултат и систем.

Борец.мк: Периодов имавте повеќе настани. На што се насочувате во наредниот период?

Во наредниот период фокусот ќе биде на неколку главни насоки: развој на младите боксери, поддршка на клубовите, подобра организација на домашните натпреварувања, зајакнување на меѓународната соработка и развој на судиската организација.

Посебно внимание ќе посветиме на младите категории. Таму мора да ја зголемиме бројноста, да обезбедиме повеќе борби и да создадеме натпреварувачки ритам. Затоа за нас е важна соработката со Боксерскиот сојуз на Србија и проектот „Open Balkan“, преку кој младите боксери добиваат можност за поголемо искуство.

Исто така, во идниот период како Македонска боксерска федерација посебно внимание ќе посветиме и на судиската организација. Не затоа што ја гледаме како слаба карика, туку затоа што сметаме дека секој сериозен спортски систем мора постојано да ги развива сите свои сегменти — спортистите, тренерите, клубовите, организацијата на натпреварите, но и судискиот кадар.

Нашата цел е да работиме на уште поголема едукација, поддршка и развој на судиите, како и на создавање нови судиски кадри во рамките на Македонската боксерска федерација. Квалитетното судење е важен дел од квалитетното натпреварување, а преку тоа директно се подигнува и нивото на боксот во Македонија.

Ќе продолжиме и со соработките со федерациите од регионот и Европа. Таквите соработки се важни за развојот на нашите спортисти, тренери и судии, но и за подобро позиционирање на македонскиот бокс на меѓународната сцена.

Нашата амбиција е јасна: стабилен систем, силни клубови, квалитетна репрезентација, професионална судиска организација и боксери кои достоинствено ќе ја претставуваат Македонија

Благодарност од тимот на Борец.мк до претседателот Кристијан Андреевски за соработката, им посакуваме уште многу успеси.

Ова е интервју е дел од серијата интервјуа во кои ќе бидат вклучени сите федерации во Македонија.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде